На претстојните избори очекуваме голема поддршка, и голема победа на демократијата, истакна лидерот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов на петтиот Конгрес на партијата. Тој најави раскрстување и демонтажа на еднопартизмот и олигархиската елита во Македонија.

„Обидите на некои да не скршат, да не замолчат, да не маргинализираат, пропаднаа. Колку повеќе нè притискаат, толку сме поединствени и цврсто определени да предлагаме решенија и да ги движиме и менуваме работите”. – рече Трајанов.

Трајанов побара одговорност за сите сторители на тешки кривични дела, “ослободување” на медиумите, одвојување на партиите на власта од државата и поддршка за СЈО, како и прочистување на избирачкиот список. „Toa се битни предуслови за учество на изборите. Ние сме подготвени за избори, но не сме луди да учествуваме во „наместен натпревар“, каде што волјата на граѓаните, не може да се канализира во пратенички мандати“. – додаде Трајанов,

Тој јавно запраша како е можно криминалот да биде само кај нас вредносна категорија и криминалците да ги штити власта, обвинителството, судот…? Како е можно Уставниот суд да создава законски предуслови да бидат помилувани криминалци кои ги кршеле изборните правила, вршат тероризам, или биле вклучени во наркобизнис? Зарем треба да бидат помилувани педофилите?

Од конгресната говорница, Трајанов побара одговорност од сите и посочи дека судскиот систем е без кредибилитет и затоа предлага реизбор на сите судии и обвинители.

„Сите тие кои ја злоупотребиле власта, богатството стекнато на криминален начин мора да го вратат на граѓаните (конфискација) и да им се забрани политичко дејствување од најмалку 10 години. Има судени за идеите на ВМРО, тоа се херои,потсети Трајанов, но во последните 10 години има многумина судени, само поради тоа што биле политички противници. Тоа мора да се исправи, треба ревизија на сите овие случаи.“ – рече Трајанов. 

Тој ги критикуваше економските политика на владата и промовираше дел од партиската програма која предвидува  најниска плата од 300 евра, најниска пензија од 200 евра и социјална помош од 100 евра, Парламент од 90 пратеници и двојно намалување на бројот на министри и намалување на бројните агенции, регулаторни тела, како и целосно укинување на репрезентацијата на функционерите.

На Конгресот беше избран Централен совет на партијата  од 80 члена. За претседател со нов мандат едногласно е избран досегашниот лидер Павле Трајанов.

На Конгресот присуствуваа над 1000 делегати, гости, претставници на политичките партии, меѓу кои и од СДСМ, ЛДП, ДОМ, НСДП, СП, ПДП, ЛП, Алијанса за позитивна Македонија, БЕСА, ВМРО НП, ФРОДЕМ, ДЕМОС и др.

OhridNews