Наместо да се крие Љупчо Којчиноски треба јавно да излезе и да каже што направи во општина Дебрца за 16 години мандат како градоначалник, се вели во писмената изјава на кандидатот за градоначалник на коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ Игор Трајкоски.
Во соопштението уште се вели:
„Којчиноски го нема, зошто не успеа да добие нити еден европски проект заради неговата неспособност. Погледнете ја општинската зграда која само што не се распаднала, а да не зборуваме за подалеку.
Којчиноски го нема бидејќи во овие 16 години можеше да создаде услови за вработување на многу млади луѓе, кои во меѓувреме за жал се иселија од Дебрца. Дебарца е богата со секакви природни ресурси, а Којчин ја донесе на најлошото дереџе досега. Најбитно за него е што си ја вработи сопствената ќерка во општина Охрид, а магистри и доктори седат без работа.
Зошто Којчиноски не сака јавно соочување? Тој досега никогаш не излегол на телевизија зошто му е срам. Што да каже човек кој цели 16 години се збогати колку што нашите обични луѓе не можат да заработат за 160 години работа. Како јавно да излезе на соочување, кога цел ден не излегува од неговите луксузни возила возејќи во интерес на неговата бизнис империја? Нема време тој за проблемите на Дебрчани и ги извози не 16 туку 160 години назад.
Којчиноски бега не само од мене туку и од сите Дебрчани кои би го запрашале: зошто учениците учат во училишта од кои прокапува вода, зошто им го дотолчува здравјето без амбуланта и аптека? Зошто ја остави Дебарца без културен дом како во минатиот век? Има уште 1000 прашања зошто – на кои Којчиноски нема одговор!
Којчиноски сам си знае дека ако излезе на јавно соочување ќе ги доизгуби и тие малку кои останаа со него. Каков отчет ќе даде човек кој го изгуби образот пред Дебрчани и луѓето заборавија како изгледа неговото лице.
Којчиноски ја имаше оваа последна шанса и таа не ја искористи. Сам знае, а и Дебрчани знаат дека 24 март е свршен чин за Којчин!“-стои во соопштението на Игор Трајкоски Кандидат за Градоначалник на општина Дебарца од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.