Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја откажа средбата со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун, што требаше да се одржи на 12 јуни, соопшти Белата куќа.
Како што се наведува во објаснувањето, средбата била откажана поради „непријателството и бесот“ искажани во последното соопштение на Пјонгјанг. Трамп истакна дека состанок нема да има, затоа што во моментов тоа би било несоодветно.
-Во овој момент состанокот е несоодветен и би било подобро за двете страни да не се одржи. Вие зборувате за вашите нуклеарни способности, но нашите се толку големи и моќни, што се молам на Бога дека нема да мора да ги користиме. – му напишал Трамп на Ким.
Во писмото што го објави Белата Куќа, Трамп пишува дека е пропуштена голема шанса за светскиот мир, но сепак изразува надеж дека еден ден можеби ќе се сретне со севернокорејскиот лидер.
Откажувањето на долгоочекуваната средба Трамп – Ким, доаѓа само неколку часа откако Северна Кореја во присуство на странски новинари го уништи полигонот за тестирање на нуклеарно оружје, како гест на добра волја.
OhridNews