Голем број познати фудбалски имиња денеска допатуваа во Португалија да ги испратат кон вечното почивалиште браќата Диого Жота (28) и Андре Силва (26) кои трагично ги загубија животите во сообраќајна несреќа што се случи во Шпанија нешто по полноќ на 3 јули.

Во поворката во Гондомар, родниот град на Диого и Андре се поранешни и сегашни соиграчи на Жота, како и други познати имиња од светот на фудбалот како капитенот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк, менаџерот Арне Слот, Алексис Мекалистер, Конор Бредли, Енди Робертсон, Дарвин Нуњез, Ватару Ендо, Федерико Киеза, Каомин Келехер, Џордан Хендерсон, Џејмс Милнер, Фабињо, Нелсон Семедо, Рубен Диаш, Бернардо Силва, Бруно Фернандеш, Диого Далот,  Леандро Дендонкер, Андре Виљаш-Боаш, како и сегашниот и поранешниот селектор на Португалија Роберто Мартинез и Фернандо Сантош кој ја предводеше Португалија до златото на ЕП во 2016. Тука е и претседателот на Фудбалскиот сојуз на Португалија Педро Проенса и многу други познати фудбалски имиња.

Големиот Ливерпул уште еднаш покажа исклучителна големина повлекувајќи неколку потези кои одекнаа во фудбалскиот свет. Тимот од Енфилд го повлече дресот со број 20 во кој настапуваше Диого Жота и ќе му посвети мурал со сегмент од последниот гол на португалецот на една од трибините на стадионот. Исто така Ливерпул соопшти дека ќе продолжи да ги гисплаќа сите плати на семејството на трагично загинатиот фудбалер до истекот на неговиот договор во јуни 2027 година. Жота во Ливерпул заработуваше 7 милиони евра по сезона + бонуси.

Од Жота се простуваат и навивачите на Ливерпул кои со денови полагаат цвеќа и оставаат шалови и други реквизити пред Енфилд.

Прераната смрт на Диого Жота е последна во низата трагедии кои низ историјата го имаат потресено великанот Ливерпул, од Хејсел и Хилсборо до трагичната ноќ во Шпанија овој јули. Но овој клуб знаел како да се носи со тешките моменти како што е и мотото на Ливерпул: Никогаш нема да одиш сам (You’ll never walk alone).

Познатиот светски музичар Ед Ширан посвети песна на Диого Жота чиј живот прерано згасна на автопатот во Шпанија каде по освојувањето на титулата во Премиер лигата со Ливерпул требаше да ужива во медениот месец по свадбата што пред неполни две недели ја направи со љубовта на неговиот живот Руте Кортосо со која има три деца. Заедно со својот брат Андре Силва беше на пат за Сантандер каде требало да се качи на траект за Англија кога при престигнување пукнала гума на луксузното Ламборџини кабриолет, по што возилото излетало од патот, се запалило и целосно изгорело.

Г. Момироски
Foto Х/скриншот YouTube