Неколку камп возила, таканаречени трејлери со денови стојат паркирани долж пешачката патека кон Горица, во близина на поставените мобилни тоалети.

Иако законските прописи не дозволуваат тие да се паркираат каде што сакаат, како што велат сосптвениците на трејлерите, досега никој не им направил проблем што одлучиле при својот престој во Охрид да се паркираат во овој дел од градот.

– Минатата година бевме два дена во Охрид и возилото во текот на тие денови беше паркирано покрај кејот на езерото, при тоа немавме проблеми што тука престојуваме. Сега одлучивме да сме покрај самата плажа.Знаеме дека би требало возилата да ги паркираме во некој од авто камповите во околината на градот, но тие се наоѓаат во лоша состојба, а на овој начин сме и поблиску до центарот на градот, велат тие.

Од локалната самоуправа објаснуваат дека законските прописи не дозволуваат ваквите возила да се задржуваат на јавна површина подолго од 24 часа. Доколку сакаат да престојуваат подолго, тогаш мора да одат во еден од автокамповите.

 

Од страна на екс локалната власт, во 2011 беше најавено дека за оваа намена ќе биде уреден простор во близина на каналот Студенчишта, каде како што беше кажано, ќе бидат поставени клупи, патеки и дека ќе се направи соодветен паркинг за трејлерите, на кој ќе има поставено инсталации за вода, струја и канализација и дека ќе се наплаќа такса за камп возилата кои тука ќе престојуваат .

Т.К.