Тренд на раст бележи авиосообраќајот, споредбено со минатата година кога поради Ковид кризата се воведоа рестрикции во меѓународниот авиосообраќај, рече министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој присуствуваше на воспоставување на првиот лет од Санкт Петербург.

За споредба, во периодот јануари – август 2021 година, во однос на истиот период лани 2020 година, имаме тренд на зголемување од 48 проценти на летови на двата аеродроми, од кои на скопскиот аеродром имаме зголемување од 51 процент, а на охридскиот 17,4 проценти. Зголемување бележи и карго превозот од 60 проценти, што е доказ за раздвижување на авиосообраќајот – истакна Бочварски.

Во овој момент, од Меѓународниот аеродром Скопје има летови кон 39 дестинации во Европа и светот, а од охридскиот аеродром кон 10 дестинации.

На новинарско прашање министерот Бочварски информираше дека Владата е во фаза на подготовка за нов јавен повик за субвенционирање на нискобуџетни авиолинии во вториот квартал 2022 година.

OhridNews