Сите знаеме дека Општина Охрид е прездолжена, нејзиното функционирање е отежнато, најголем дел од плаќањата одат преку цесии и компензации и за жал за нормално функционирање на општината се користат и сметките на „Комуналец“, „Проаква“ и сл, иако тоа е на раб на законитост. Исто така како што знаеме и голем дел од имотот на општината е хипотекарно оптеретен. Ова го истакна кандидатот за градоначалник на Охрид од ВМРО ДПМНЕ, Кирил Трендафилов – Нанче, на редовната средба со новинарите.

Тој рече дека  заедно со голем тим на експерти од економските и правните науки има изработено предлог програма за решавање на овој проблем. „Таа предвидува  комплетна ревизија на финансиското работење на општината со цел да се добијат вистински и реални податоци за висината и стуктурата на долгот на Општина Охрид“, рече Нанче.

Трендафилов најави дека  согласно одлуката на Управниот одбор на ЗЕЛС ќе достави предлог санациона програма до Министерството за финансии за репрограмирање и санација на долгот на општината.

Во моите контакти со Владата ми беше ветено дека Владата ќе направи се Охрид да добие одлична санациона програма која што понатака ќе овозможи нормално функциониране на општината и влез на опшитанта во втората фаза од фискалната децентрализација, додаде Нанче, која најави дека ќе воведе јасен систем на наплата на обврските кон општината.

Трендафилов рече дека Општина Охрид може да е првата општина во Македонија што ќе издава општински обврзници, сом цел внесување свежи пари во општината со многу подобри услови отколку банкарските кредити.

Откако ќе го санираме долгот на општината во соработка со Министерството за финансии и со експертски тим кој веќе работел на програми на издавање на општински обврзници во неколку градови во Европа ќе издадеме општински обврзници кои што во првата транша би биле некаде околу 20 милиони евра со период на реализација од 15 години и ниска каматна стапка. Исто така ќе следуваат уште неколку транши. Овие средства планираме да ги вложиме во инвестиции кои што ќе направат нов економски раст, рече Трендафилов.