Дарко Костовски, тренерот на Дејан Георгиевски кој вчера освои сребрен медал на Олимпијадата во Токио, преку социјалните мрежи информира дека тој и неговиот брат Борче како тренери се откажуваат од наградата 600.000 денари доделена од Владата со одлука на вчерашната седница.

– Владата доделила 20 000 евра за македонската спортска икона Дејан Георгиевски и 10 000 евра за тренерите.

Мојот брат д-р Борче Костовски и јас како тренери на олимпискиот сребрен медалист Дејан Георгиевски, апсолутно се откажуваме од премијата што е доделена за нас, секако таа целосно треба да биде насочена кон олимпискиот вицешампион, новата македонска гордост!

За нас како тренери во овие моменти доволен е олимпискиот историски сребрен медал. За Македонија! – напиша Костовски на својот профил на фејсбук.

За постигнатиот резултат Дејан Георгиевски е награден со 1,8 милиони денари од Владата и со 600.000 денари од Агенцијата за млади и спорт.

  • Дочекот на Георгиевски утре во 19:30 часот на скопскиот плоштад

Дочекот на Дејан Георгиевски, кој освои сребрен медал во таеквондо на Олимписките игри во Токио, ќе биде утре во 19:30 часот на плоштадот во Скопје.

Георгиевски ги повика граѓаните на заедничка прослава на најголемиот успех на независна Македонија на Олимписките игри, објави МОК на својот профил на Фејсбук.

– Благодарам за поддршката кон мене и мојот тим. Од Олимписките игри донесов сребрен медал со златен отсјај. Ве повикувам утре, четврток во 19:30 часот на триумфална порта на плоштадот заедно да го прославиме овој успех, истакна Георгиевски.

Македонскиот знаменосец од отворањето на Игрите во Токио, освои сребрен медал во категоријата +80 килограми. 

OhridNews