Актуелниот стратег на МЗТ Скопје, Словенецот Алеш Пипан, е последното
тренерско име што влегува во комбинација за селектор на кошаркарската
репрезентација на Македонија, која во моментов единствената селекција,
која има изборено пласман на следното Европско првенство (ЕП) в година
во Словенија, а која официјално нема предводник од клупата.

Самиот Пипан, вчера во интервју за телевизија Алфа, изјави дека
постои можност да се случи такво нешто, но само откако ќе ги среди
работите со федерацијата на Полска чиј селектор се уште официјално се
води.

„Не би сакал да зборам на оваа тема додека сум селектор на
Полска, едноставно не би било фер кон нив да водам такви преговори. Но,
доколку таму нешто се случи тогаш би можеле овде да седнеме на маса и да
подискутираме околу тоа. Би можело да се случи и тоа“
, изјави Пипан во вестите на Алфа.

Пипан многу брзо ги освои симпатиите на македонската кошаркарска
јавност и тоа со својата работа во таборот на „металците“, кои со него
на клупата остварија скор 7-3 и по 15 кола се наоѓаат на високото петто
место на табелата со учинок 9-6. Тој има големо искуство во работа на
репрезентативно ниво со оглед на тоа што во досегашната кариера освен
што работел како предводник на полската селекција бил и селектор на
Словенија и тоа на две ЕП (2005 и 2007) и на едно СП (2006). Со
Полјаците, пак, настапи на ЕП 2011.

Претходно, со селекторската функција во репрезентацијата на
Македонија се поврзуваа странски тренери како Лука Банки (Италија) и
Мирослав Николиќ (Србија), од домашните стратези во конкуренција се уште
се Александар Тодоров, Емил Рајковиќ и Марјан Србиновски додека
многумина се на мислење дека најдобро решение е враќање на херојот од
ланскиот континентален собир во Литванија, Марин Докузовски.

Јавна тајна е во кошаркарските кругови дека во раководството на
Македонската кошаркарска федерација (МКФ) постои поделеност околу тоа
дали наследник на Марјан Лазовски да биде домашен или странски тренер.
Претседателот Даниел Димевски и спортскиот директор Врбица Стефанов се
за странска опција додека ген-секот Дејан Лекиќ и Илија Мерџановски,
директорот на репрезентациите се за домашно решение.Можеби изборот на
Пипан би можело да ги спои разидинетите во мислењата предводници на
макбаскетот со оглед на тоа што станува збор за странски тренер, кој,
сепак, работи во македонски клуб.

Најавите од Куќата на кошарката се дека набрзо по новогодишните и
божиќните поразници би можело да се донесе конечна одлука околу тоа кој
ќе го наследи Лазовски на клупата на кошаркарската репрезентација на
Македонија.

Извор : “Мкд.мк“