Во легална и законска процедура, на состанок одржан на 27 Август оваа година, Училиште за средно образование „Св.Климент Охридски“ ја избра туристичката агенција „Балкан Нет“ од Струга како најдобра понуда за организирање и спроведување на ученичката екскурзија за Прага што треба да се реализира кон крајот на идниот месец, информира ВД директорот на охридската гимназија, Никола Тренески.
– Туристичката агенција „Балкан Нет“ понуди најповолна цена за целокупната организација на екскурзијата. Таа изнесува 12.850 денари по ученик и вкупно 23 гратиси од кои 13 се за категоријата социјално ранливи групи ученици, вели Тренески.
Тој потенцира дека најниската понудена цена, согласно насоките на министерството за образование за организирање ученички екскурзии, е првиот критериум за избор на туристичка агенција што ќе ја реализира ученичката екскурзија.
– Училиштето во согласност со упатствата од министерството, навремено оформи комисија од седум членови во која се претставници на професорите и на советот на родители. Комисијата на 23-ти овој месец ги разгледа пристигнатите осум понуди од туристичките агенции.Притоа, за две од нив констатира дека имаат некомплетна документација согласно распишаниот тендер и дека по разгледувањето на останатите понуди од страна на правната служба на училиштето, на комисијата ќе им биде доставена на повторно разгледување и гласање, информира ВД директорот.
Тренески нагласува дека на јавниот повик за прибирање понуди пристигнале осум понуди, меѓу кои и понуда на туристичката агенција од Охрид на која неодамна, поради нецелосна понуда согласно условите на тендерот и бил поништен договорот за организирање на екскурзијата.
Од охридската гимназија потенцираат дека раководниот тим на училиштето работи во интерес на децата и родителите, кој секогаш ќе биде пред интересот на поединци.
OhridNews