Тригодишната реализација на Тренинг академијата за новинари и медиумски работници (Т-АЈМ) беше посветена на унапредување на професионалните знаења и вештини, зголемување на безбедноста и јакнење на капацитетите на новинарите и медиумските работници. Преку обуки, практична едукација и професионално вмрежување, проектот придонесе кон подобрување на условите за слободно, безбедно и етичко новинарство.

Тренинг академијата за новинари и медиумски работници низ бројки и факти
Академијата претставуваше значаен чекор кон создавање посилна, побезбедна и попрофесионална новинарска заедница, нудејќи континуирани можности за едукација, практични обуки и професионално усовршување во услови на брзи промени и нови предизвици во медиумскиот сектор. Посебно внимание беше посветено на стекнувањето практични знаења и вештини, но и на поврзувањето на новинарите и медиумските работници и создавањето мрежа на меѓусебна поддршка.

Обуките беа организирани во шест модули (безбедност во физичкиот и дигиталниот простор, механизми за заштита на новинарите и медиумските слободи, истражувачко новинарство и етичкото известување, справување со стрес и професионално прегорување, и финансиска писменост), на основно и напредно ниво, и опфатија теми што се важни за секојдневната работа на новинарите.
Како дел од активностите, годинава беше организирана и летна школа за млади новинари и медиумски работници, која отвори простор за нови знаења, практична работа, дискусии и професионално вмрежување. Учесниците имаа можност да разговараат за актуелните предизвици во професијата, со посебен акцент на безбедноста, истражувачкото новинарство, етиката и влијанието на новите технологии.
Завршниот настан беше можност да се сумираат постигнатите резултати, но и да се испрати порака дека вложувањето во знаењето, безбедноста и професионалниот развој на новинарите е вложување во слободата на медиумите, демократијата и правото на граѓаните да бидат точно, навремено и професионално информирани.

Настанот се одржа во рамки на проектот „Тренинг-Академија за новинари и медиумски работници – Т-АЈМ“ финансиран од Европската Унија. За содржината е одговорно исклучиво Здружението на новинарите на Македонија и таа нужно не ги одразува ставовите на Европската Унија.
OhridNews
фото. ЗНМ











