Охридските фудбалери на совршен начин начин ја завршија сезоната во Третата македонска фудбалска лига победувајќи го тимот на Кравари со 8-0 (4-0) пред своите гледачи на СРЦ „Билјанини Извори“. Пред почетокот на дуелот, „рибарите“, беа крунисани за шампиони и промовирани за нови членови во Втората лига.

Гол серијата на охриѓани на мечот со Кравари ја најави Никола Секулоски со погодокот во 10-та минута. Во 36-та минута Ромео Кочоски зголеми на 2-0, а за 3-0 погоди Томче Речкоски. Во последните минути од првиот дел Марко Арсенов реализираше за 4-0.

Охрид, во второто полувреме, постигна нови четири голови за убедлива победа од 8-0. Наум Вељаноски стрелаше за 5-0, Секулоски постигна два погодоци и комплетираше хет трик, а Димитар Ачимовиќ беше петтиот фудбалер кој се запиша во листата на стрелци.

Во последната рунда од Третата МФЛ, Охрид е слободен поради откажувањето на Лирија Заграчани и може да се фокусира кон настапите во Втората лига следната сезона.

OhridNews

Фото: Шампионска промоција на „Рибарите“