Натпреварот во Могила помеѓу истоимената екипа и Охрид во 12-та рунда од Третата фудбалска лига беше прекинат по пет минути игра, откако гостинскиот состав остана со шест играчи на теренот што не е дозволиво според фудбалските правила.

– Натпреварот започна со 60-ет минутно задоцнување поради дефект на комбето на гостинската екипа. Гостинската екипа пријави 9 играчи во записник меѓутоа натпреварот го започна со 7 играчи. Во 5 минута се повреди еден гостински играч и по чекање од 5 минути истиот не можеше да го продолжи натпреварот. Во 10 минута истиот е прекинат поради тоа што гостинската екипа остана со недоволен број на играчи. – стои во записникот од натпреварот.

Домашната екипа не остави ништо на случајност и уште во првите пет минути поведе со 2-0, а охридските бели со оглед на бројот на фудбалери на теренот ќе претрпеа убедлив и катастрофален пораз.

Во 12-та рунда три бодови по подолго време освои Воска која со 5-2 славеше во Битола против Баир Кркардаш, додека Кораб со 4-1 го совлада тимот на Сатеска во Волино.

Резултати: Фљамуртари – Караорман 1-1, Велешта – Лирија 4-3, Сатеска – Кораб 1-4, Кравари – Октиси 7-2, Баир Кркардаш – Воска 2-5, Могила – Охрид 2-0, Влазними – Преспа 3-1.

Табела: Кораб 33, Кравари 28, Фљамуртари 26, Караорман 21, Преспа 19, Могила 18, Сатеска 16, Охрид 16, Велешта 16, Влазними 15, Лирија 13, Октиси 9, Воска 7, Баир Кркардаш 0.

OhridNews