Како што рече градоначалникот Александар Петрески, ѓомлезијадата веќе стана традиција, која општината ќе ја продолжи и во иднина.
– Почнавме во Велестово, па во Скребатно, и еве сега сме во Горно Лакочереј. Секоја година ќе ја организираме во различни села. Со ова сакаме на гостите да им понудиме дел од македонските традиционални јадења, особено она што го нема кај нив. Во нашата стратегија за развој имаме зацртано туристичката сезона да трае 12 месеци и секако руралниот туризам зазема големо значење, рече Петрески.
Меѓу 20- те натпреварувачи беше и Стефан Димитриевски, кој потенцира дека со задоволство го подготвува ѓомлезето, кој уште како мал гледал како се прави.
– Овие специјалитети ги правеле и нашите мајки и баби. Ѓомлезето, качамакот, зелникот беа специјалитети на сиромашните, но сега си го добија своето место кај сите, па и во комерцијални цели. Сум гледал како прават ѓомлезе моите баби, мајка ми, а веќе и јас тоа го правам на аматерски начин, вели Димитриески.
Странските туристи кои присуствуваа на Ѓомлезијадата беа воодушевени од начинот на подготвувањето на ѓомлезето.
– Вакво нешто не сум видела во нашата земја. Ова е нешто прекрасно. Луѓето се многу горди на тоа што го прават и тоа воодушевува. Се надевам дека нема да ја загубат гордоста и ќе ја задржат оваа традиција, коментираа дел од нив.
Квалитетот на овој надалеку познат охридски специјалитет го оценуваше жири комисија. Првата награда која изнесува 10 илјади денари и припадна на Златана Николоска, втората од 6 илјади денари ја освои Лиле Кароска, а третата од 4 илјади денари ја поделија Марио Настески и Емилија Мојсоска. Останатите кои подготвуваа ѓомлезе беа наградени со по илјада денари.