СВР Охрид денеска поднесе кривични пријави против двајца 37-годишни охриѓани за кои постои сомневање дека извршиле кривично дело „Разбојништво“ врз брачен пар од Скопје. Инцидентот како што соопшти портпаролот Стефан Димоски се случил на 3-ти јуни, кога охриѓаните со измамa довеле во заблуда брачниот пар од Скопје
Осомничените минатата недела поставиле оглас на социјалните мрежи за продажба на возило Мерцедес произведено 2002 година по цена од 3500 евра. Непосредно потоа, стапиле во контакт со брачен пар од Скопје кој пројавил интерес за понуденото возило. Тие договориле средба која ја оствариле на 3-ти јуни во Охрид. Еден од пријавените ги одвел сопружниците во стан на ул. „Мирче Ацев“ под изговор дека треба да ја сочекаат неговата сопруга која наводно била излезена со возилото.
-Додека чекале пријавениот ги послужил сопружниците со инстант кафе и минерална вода . После тоа брачната двојка почувствувала зашеметеност и губење на свеста. Кога се освестил сопругот забележал дека се наоѓа на планина на место со поглед на Езеро, а до него во бесознаие лежела неговата сопруга. Тој забележал дека таа го има мобилниот телефон кај себе со кој тој се јавил и ја известил полицијата за случајот, и дека не знае каде се наоѓа, за подоцна откако пресретнал возило на патот за Отешево, да се информира дека е на местото викано Корита, за што ја го информирал СВР Охрид.-изјави портпаролот на охридската полиција Димоски.
Полицијата набрзо потоа го пронашла брачнииот пар кој веднаш бил пренесен во општата болница во Охрид каде од страна на лекарите било утврдено дека врз нив е употребено средство за успивање, а на телата имале видливи траги од нансилство.
-Се работи за набиеници во пределот на главата, градниот кош и екстремитетите, а во општата болница се направени и други неопходни медицински прегледи за да се утврди дали се извршени и полови дејствија, односно и други насилни акти.-истакна портпаролот Димоски.
Полицијата соопшти дека од сопружниците биле одземени 2800 евра и 58.000 денари. Првоосомничениот во случајот е приведен, додека другиот осомничен е во бегство и полицијата трага по него.
Жителите на зградата на улицата „Мирче Ацев“ каде се случил немилиот настан, беа непријатно изненадени од случајот, за кој како што прокоментираа кусо, разбрале од полицијата која дошла да врши увид. Тие не сакаа да зборуваат за инцидентот во соседството, кој денеска е топ тема во Охрид.
OhridNews