Спортски центар, амбуланта, црква, трговски центар, објект наменет за потребите на високообразовна институција- ова се содржините кои се предвидени да се градат на просторот на охридската касарна, опфатени со постоечкиот детален урбанистички план за овој дел од градот.
Како што потенцираат од локалната самоуправа, кои од предвидените објекти ќе се градат во наредниот период зависи од тоа колкав дел од просторот кој сеуште е под надлежност на министерството за одбрана, ќе и биде отстапен на локалната самоуправа.
– Во тек се преговорите со министерството за одбрана , очекуваме во текот на денот да оствариме средба со претставници од министерството за одбрана на која ќе се разговара околу ова прашање. Откако ќе се прецизира колкав дел од просторот ќе се преземе, ќе следи владина процедура за пренамена и преземање на ингеренциите околу просторот од страна на локалната самоуправа, изјави градоначалникот Никола Бакрачески.
Урбанистичкото решение за овој дел од градот предвидува и пробивање на нова улица која ќе биде од голем интерес за жителите од овој дел од Охрид.
Т.К.