– Во последните 4 години во споредба со периодот претходно бележиме раст на ефикасноста на полицијата против нелегалната трговија со дрога. Односно имаме 52% повеќе кривични пријави против лица поврзани со недозволена трговија  со дрога , како и 25 % зголемување на запленетата количина дрога. Според статистичките показатели во изминатите четири и пол години откриени се над 2200 случаи, односно кривични дела од областа недозволена трговија со дрога, при што кривично беа пријавени 2565 лица. Притоа во посочениот период запленети се околу два тони  и шестотини и шеесет килограми разни видови наркотични дроги, 1,6 тони марихуана, 493,8 килограми кокаин, 376 килограми херпоин, околу 26 килограми опиум и друго со севкупна вредност на нарко пазарот од над 100 милиони евра. Ова го истакна министарката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, на отворањето на Втората Меѓународна конференција тематски посветена на “Националните стратегии за борба против трговијата со дрога-намалување на снабдувањето со дрога“, што се одржува во Охрид.


На конференцијата што ја организираат Министерството за внатрешни работи и Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили (ДЦАФ), учествуваат полициски функционери и експерти на министерствата за внатрешни работи од повеќе земји од регионот и пошироко, како и претставници на повеќе меѓународни организации (Интерпол, СЕКИ, ДЦАФ, и други).

Според министерката Јанкуловска има потреба од вакви средби на кои научно се расправа за проблемот со нелегална трговија со дрога, затоа што како што рече, не е доволно само полициите да се активни, туку е неопходно да се вклучат и експертите од науката кои ќе дадат насоки како да се води таа битка и да се откријат новите форми и методи на дејствување на криминалните групи.

-Сведоци сме дека во последно време откриваме кривични дела кои во минатото биле целосно непознати и во делот на злоупотребата и во делот на недозволената трговија со дрога и неопходно е да се следат трендовите кои за жал ги диктираат криминалците, а институциите треба да бидат чекор пред нивз за да можат да им се спротистават, истакна Јанкуловска.


Во рамки на дводневната Конференцијата, експертите во повеќе пленарни работни сесии ќе разменат искуства во врска за националните програми и заеднички  активности во спречувањето на нелегалната трговија со дрога.

Заклучоците од конференцијата ќе бидат објавени во алманах кој ќе биде од корист на институциите кои се занимаваат со борба против недозволената трговија со дрога, најави директорот на Бирото за јавна безбедност, Љупчо Тодороски. Тој истакна дека Македонија има капацитет да организира редовно вакви конференции во Охрид на кои научни експерти ќе ги изнесуваат најновите сознанија и методи, со цел создавање нова стратегија и методи за борба против трговијата со дрога.

OhridNews