Патниот правец Р 504 од Трпејца до Отешево кој минува низ Националниот парк Галичица, речиси три децении е затворен во зима и не се одржува. Иако оваа година зимата е блага и нема врнежи од снег, користењето на овој патен правец е забрането и се казнува. Охридските планинари сметаат дека забраната е непродуктивна и треба да се изнајде начин овој проблем да се надмине.
Патот Р 504 од Трпејца до Отешево – Google
-Во текот на зимата ако имаме десеттина пати обилни врнежи од снег и сметам дека не е проблем „Македонија пат“ да интервенира десеттина пати и патот да биде исчистен, со тоа ќе им овозможи на сите љубители на планината, скијањето и сноубордот почесто да ја посетуваат Галичица и ќе претстатвува еден стимуланс за развој на планинскиот туризам на оваа наша планина. – изјави планинарот Мишко Танески.
Мишко Танески на планината Галичица
Надлежните служби задолжени за одржување на патиштата децении наназад уверуваат дека не постои економска оправданост да се одржува овој патен правец во зима бидејќи многу малку се користи. Посочуваат дека тој е небезбеден и сериозно оштетен, а за да се поправи потребна е голема инвестиција. Општина Охрид со став дека регионалниот пат преку планината Галичица треба да биде ставен во функција и преку зимата, за што подготвува план кој ќе биде изложен пред државните институции.
–Локалната самоуправа има своја визија и таа ќе биде изложена пред владата, а се разбира дека ЈП „Македонија пат“ понатаму ќе изготви план за одржување на овој патен правец во согласност со барањата на општина Охрид. – истакна градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски.
Јован Стојаноски – градоначалник на Охрид
Патувањето од Преспа до Охридското Езеро преку планината Галичица пред една деценија се најде на топ листата на светски дестинации на „Форбс“, на предлог на угледниот патеписец од “Lonely Planet“ Кристофер Делисо. Во меѓувреме се поголем е бројот на туристи кои во Охрид доаѓаат заради убавините на Галичица, што е причина повеќе надлежните институции конечно да изградат стратегија за одржливо искористивање на природните потенцијали на оваа планина, секако притоа водејќи сметка да не се наруши рамнотежата на еко системот во кој живеат стотици ендемски видови, како никаде на друго место во Европа.
Г.М.














