Три крстосници од булеварот ,,Железничка”, кои поради својата непрегледност претставуваат голема опасност за возачите и минувачите, во иднина ќе бидат регулирани со кружни текови.

Според „Развојната програма за уредување на градежено земјиште на општина Охрид за 2014-2016 година“, кружни текови ќе бидат изградени на крстосниците со улица „Кленоец“, со улица „Егејска“ и со улица „Прилепска“. За секоја од овие крстосници планирано е да се издвои по 5 милиони денари од општинскиот буџет.

-Програмата за уредување на градежно земјиште ги одредува насоките за решавање на комуналните проблеми со кои се соочуваат нашите граѓани. Таа е изработена е врз основа на анализите направени за можната реализација на урбанистичките  планови  во  наредниот  период,  писмените  забелешки  на граѓаните, разговорите со дел од жителите на општината, редовните контакти на Градоначалникот и стручните служби, со одборите на Месните заедници и програмите на Урабните заедници  кои се доставуваат до општинските служби, како и согледувањата на стручните служби, пишува меѓудругото во Развојната програма која ја изготвил Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици при општина Охрид.

Жителите кои живеат по должината на булеварот „Железничка“ и секојдневно минуваат на овие крстосници, велат дека се задоволни што по низата реакции и апели до надлежните, конечно ќе се  реши овој проблем.

-Се надевам дека ова што е планирано нема да остане само на хартија и дека што побрзо ќе се реализира на терен. Сметам дека најдобро би било најпрвин да се изгради крастосницата со улица „Кленоец“, бидејќи тука има најголема фреквенција на возила и на пешаци, вели еден наш соговорник кој живее во населбата „Црногорци“.

Според него изградбата на овие кружните текови значително ќе ја зголеми безбедноста на сообраќајот во овој дел на Охрид.

Е.М