Три основни училишта од Охрид ќе бидат опфатени во проектот (ПСЕЕП) од Светска банка кој вклучува финансирање на изработка на проектно техничка документација и финасирање на инвестициски проекти за енергетска ефикасност. Со енергетско ефикасни мерки ќе се направи реконструкција на ООУ „Христо Узунов“, ООУ „Братство Единство“ во населба Лескајца и на ООУ Св. „Климент Охридски“. Со цел успешна имплементација на прифатените под-проекти, Општина Охрид организираше јавна дебата со заинтересирани жители, родители на ученици, како и вработени во училиштата кои гравитираат на просторот на кој се лоцирани трите основни училишта.
Општина Охрид ќе добие 80% од одобрените средства како долгорочно позајмување со потпишување на договор за под-заем со Министерството за финансии. Останатите 20% се доделуваат како грант средства на општините со потпишување на договор за грант со Министерството за финансии, информираа од Локалната по одржаната дебата
Формиран е и Одбор на корисници кој се состои од по четири членови за секое училиште кој е составен од вработени во училиштето, родители на ученици и граѓани кои ќе бидат вклучени во текот на планирањето и реализацијата на под-проектите.
На дебатата детално беа презентирани поднесените проектни фишеа за секој од објектите при што од страна на присутните беше развиена дискусија и беа истакнати предлози за надополнување на предвидените градежни мерки за дел од објектите.
OhridNews













