OnГраѓанско Демократската Унија (ГДУ), на денешната трибина „Разговор под дрвото“, уште еднаш ги претстави стожерите на својата изборна програма пред присутните граѓани во Охрид. Основата врз која се поставени клучните реформи е коренита промена на нефункционалниот систем во кој живееме. Кандидатите на овие избори се мотивирани да предизвикаат промена во општеството преку личен пример за да создадеме иднина во која нашите деца ќе одберат да живеат дома, во Македонија, беше речено на трибината.

Целта на ГДУ е да се обидеме да ја смениме политиката и пристапот кон политиката во Македонија, заедно со млади кандидати за во Парламентот. Идејата е да покажеме поинакви морални вредности од оние кои владеат во политиката. Се надеваме на поддршката на охриѓани и сакам да ги повикам сите граѓани да гласаат за оваа опција. Да дадат придонес кон развојот на демократијата на Македонија и кон развојот на една слободна мисла преку пратеничките места на ГДУ во парламентот. – изјави поранешниот амбасадор и професор на Универзитетот за применети науки Берлин, Германија, Горан Рафајловски.

Значајна политичка ГДУ се залага е намалување на бројот на пратениците во Собранието на 90 членови, а во втора фаза и на 61 член. Како и намалување на бројот на членови во општинските совети и на град Скопје. Партијата се залага и за рационализација на Владата, бројот на министерства, агенциите и органите во нејзин состав во период од 12 месеци по формирање на новиот собраниски состав.

Нашата цел не е власта сама по себе. Нашата цел е фундаментална промена на општеството. Предлагаме изборните реформи за Македонија да добие функционално Собрание, да се воведат отворени изборни листи и земјава да биде една Изборна Единица. Со тоа ќе воведеме конкуренција меѓу политичките партии, како и прогресивен изборен цензус, додека кандидатите кои доаѓаат од граѓански, независни листи, да се квалификуваат без цензус. Предвидуваме и целосна професионализација на Државната Изборна Комисија. Овие измени може да се реализираат во период од една до три години. Неопходни се и уставни измени во поглед на изборот на судиите, нивниот мандат, воспоставување специјализирано судство во сите области, како и пресудите на Европскиот суд за човекови права (Стразбур) да станат задолжителен извор на правото во Македонија. –  појасни Димо Петкоски, секретарот на ГДУ .

ГДУ најави дека ќе иницира и промени во Кривичниот закон за да се санкционира незаконското работење на судиите, обвинителите, правните застапници и останатите службеници на Судот. Докажаната вина, освен со казна, треба да резултира и со трајна забрана за вршење дејност и губење на пензијата, велат од партијата.

Ова е последна шанса да ја смениме насоката на движење на економијата удоле. Во земјава има повеќе од 75.900 деловни субјекти и повеќето вработуваат од едно до девет лица. Поради кризата се соочуваат со ликвидност и за нас, оправдано е владината поддршка и мерките да бидат насочени кон нив. Македонија се врти во кругот на енормно зголемување на јавниот долг, континуирано креира сѐ поголем буџет а околу 40% од популацијата живее под прагот на сиромаштијата. За поттикнување на конкуренцијата и консолидација на обемот на јавната потрошувачка ГДУ предлага формирање фискален совет, намалување на вкупните зафаќања од бруто платата по основ на даноци и придонеси, намалување и целосно укинување на ставките за разни административни надоместоци, глоби, судски и административни такси и разни други владини услуги кои се товар за граѓаните, како и распределбата на приходите од персоналниот данок да бидат во однос 50:50 меѓу Централниот буџет и локалните власти. За овие мерки да дадат резултат потребно е законски да се ограничи Владата да мора да ги реализира капиталните инвестиции. Потребна е и поголема предвидливост, постојаност и транспарентност во јавните финансии. Потребна е поголема грижа од страна на државата за малиот и среден бизнис, особено за семејните бизнис кои во реалноста се носители на економскиот развој во државата. –  рече Рафајловски.

ГДУ се залага и за намалување на ДДВ стапката од 18% на најмногу 12%, како и со една третина од вкупните приходи од ДДВ да се помогне финансирањето на општините. Во предлозите на ГДУ е и намалување на вкупните зафаќања од бруто платата, по основ на даноци и придонеси и намалување и целосно укинување на ставките за разни административни надоместоци, глоби, судски и административни такси и разни други владини услуги кои се само товар за граѓаните.

Сите овие мерки ќе им помогнат на општините да се грижат и да преземат одговорност за регионалните болници, но откако Владата прво ќе ги модернизира и целосно реновира, беше истакнато на трибината. На неа уште се говореше и за екологијата и т.н. „зелена транзиција“, за Национална образовна стратегија и приоритетите на надворешната политика, интерграцијата на земјата во ЕУ и развој на пријателствата со соседните земји.

OhridNews