Реалноста во Охрид е далеку од сликата каква што заслужува оваа општина. Време е за промени и вистински проекти. Ова го истакна кандидатот за градоначалник на општина Охрид од редовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и коалицијата, д-р Асен Шајн, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“, што се одржа вечерва во хотелот „Славија“.

Граѓаните се разочарани и со право. Многу се ветува, а ништо не се исполнува. Комуналниот развој е запоставен, градот е нечист, нема проекти, нема никаков развој. Младите заминуваат, економијата стагнира, а граѓаните живеат од денес за утре. Туризмот, кој треба да биде носечки столб на еден ваков туристички бисер, е сведен на неколку месеци хаос, а остатокот од годината живееме со истите и нерешени проблеми, рече Шајн.

Посочи дека Охрид станал лична своина на градежни инвеститори кои, како што рече, со амин на локалната власт урбанистички го уништуваат градот.

Штетата зазема непоправливи размери, ги загрозува природните и културните богатства и комплетно ја уништува околината. Дишеме загаден воздух, нема каде да паркираме, а јавните површини се уништени. Се навикнавме на сето она што не треба да биде нормално, нагласи кандидатот за градоначалник Шајн.

Тој рече дека има реални идеи, нов концепт и конкретен план за развој на Охрид.

Урбанистичкото планирање ќе има нова димензија, ќе воведеме нови еколошки практики, а на крајбрежјето на Охридското Езеро, уредување согласно препораките на УНЕСКО. Културата и спортот ќе добијат нова енергија, а туризмот ќе го градиме на одржливи темели, со грижа кон природата, историјата и локалните потреби, истакна Шајн.

Шајн нагласи дека инфраструктурата е негов приоритет и дека ќе води општина која нема да заборави никого.

Секоја улица, секое мало, секое населено место ќе го добие потребното внимание. Ќе го слушаме гласот на месните и урбаните заедници, тие ќе бидат наш вистински партнер и сојузник во работата. Одлуките ќе се носат со народот, а не без него, рече Шајн, додавајќи дека СДСМ е партија што досега покажала дека знае да инвестира во капитални проекти и трајни вредности.

Рече дека нема да бидат заборавени ниту социјалните семејства, пензионерите, лицата со попреченост, а за учениците вети дека ќе се учат во модерни училници. Ги повика охриѓани на 19 октомври да ја дадат поддршката на СДСМ истакнувајќи дека тој и кандидатите за советници имаат капацитет и ќе работат чесно, домаќински и транспарентно.

Ја барам вашата шанса, не за политички поени. Туку за промена што ќе ја чувствувате сите. Промена што ќе донесе подобар живот за вас, за вашите деца, за секое семејство. Доста е за празни ветувања и комерцијални настани, порача Шајн.

На трибината беа претставени кандидатите за членови на советот на Општина Охрид, а обраќање имаше носителот на кандидатската листа за советници на СДСМ и коалицијата, Јане Тодороски, кој рече дека Охрид заслужува многу повеќе од тоа што го добива.

Кога пред 4 години ВМРО ДПМНЕ ја презедоа власта најавија многу проекти, ветуваа промени и развој. Но што направија? Само празни зборови и неисполнети ветувања. Ветуваа решавање на проблемот со паркирањето, денес ситуацијата е полоша од било кога било. Сообраќајниот хаос е секојдневие, а ниеден сериозен проект не е започнат. Најавуваа подобра комунална хигиена, но сите гледаме како изгледаат улиците и парковите, нечистотија и негрижа, рече Тодороски.

Тој рече дека актуелната локална власт нема стратегија за равој на туризмот, работи нетранспарентно, граѓаните не знааат како се трошат нивните пари, а советот е претворен во алатка за партиски интерес.

Ова не се само политички точки, ова е наша секојдневна реалност и затоа е јасно, Охрид мора да тргне во друг правец. СДСМ и нашата коалициска листа носат конкретна визија и решенија за нашиот град. Чист и уреден град, ќе инсистираме на стратегија со управување со отпад, редовно чистење, нова механизација и современи еколошки решенија. Охрид не смее да биде туристичка дестинација со полни контејнери и валкани улици. Сообраќај со ред и план, ќе се залагаме за повеќекатна гаража, модерна сигнализација и современ јавен превоз. Градот мора да дише, а не да се гуши во хаос и колони. Ќе се залагаме за туризам со додадена вредност и поддршка на локалните угостители. Време е да си го вратиме Охрид и да кажеме доста е со лаги, неисполнети ветувања и негрижа. Ние имаме визија, план и најважно љубов кон својот град, истакна Тодороски.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“, истакна дека за година и пол владеење ВМРО-ДПМНЕ не донесе ништо освен ароганција, поделби и изневерени очекувања. Посочи дека власта нема капацитет да изгради правна држава, туку нуди само празни изјави без реални резултати. Истакна дека е потребна активна граѓанска борба против неправдата, самоволието и деградацијата на институциите под актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ.

Сега повикот е поважен и погласен од било кога. Ние мораме да се бориме за нашиот дом. Борбата почнува од секое маало, секое семејство, секоја куќа, од секоја улица. Наша обврска е да ја вратиме надежта дека оваа власт не може да прави што сака, истакна Филипче.

Тој порача дека граѓаните не смеат да молчат пред ароганцијата на власта и игнорантскиот однос кон нивните реални потреби. Ја обвини власта дека нема капацитет да изгради правна држава, а премиерот дека ја оддалечува земјата од ЕУ.

Сам се пофали премиерот дека реформската агенда е „најдобриот документ што го подготвила оваа Влада“, понатаму дека е „инструмент за демократизација на општеството“, понатаму „патоказ за да ја донесе Европа дома“, но со секој изминат ден државата ни е сè подалеку од Европа и од демократија со Мицкоски. Секоја негова изјава е едноставно нова лага“, рече Филипче.

Затоа, истакна Филипче, повеќе од било кога е потребна мобилизација и единство, оценувајќи дека само со јасна и силна опозиција може да се спречи понатамошната деградација на државата.

Г.М.
Фото: А. Момироска