Експерти од повеќе области денеска дебатираа за состојбите и перспективите на Охрид, на трибината насловена „Каде оди мојот град“, што се одржа во организација на локалната ВМРО ДПМНЕ.
Експертите сметаат дека на Охрид му е потребен сосема нов и сеопфатен пристап во планирање на развојот, кој според нив, не може да се темели само на одредени сегменти, како што е урбанизацијата, која засилено се одвива последните години. Архитекти предупредуваат дека Охрид наместо да ги ползува природните и културни вредности поради кои регионот е на листата на УНЕСКО, истите ги загрозува со градби кои ги има се повеќе.

– Ова што му се случува на Охрид е само една градба на станбени објекти без темелна демографска, економска и социјална стратегија за развој на градот, истакна архитект Горан Патчев.

Еден од главните двигатели на развојот на Охрид е туризмот, кој бележи позитивни резултати со воведувањето на државните мерки за субвенционирање, како и со намалување на ДДВ-то, но според експертите тоа не е доволно доколку не се усогласат политиките на локалната и централната власт.

-За да продолжи тој развој неопходно е да соработуваат сите чинители, да се заборави малку партиската припадност и да се гледа на развојот. Локалната и централната власт мора да соработуваат ако сакаме овој иницијален развој на турозмот да продолжи понатаму, вели проф. д-р Сашо Коруноски – декан на ФТУ Охрид.

Развоен адут на Охрид треба да биде и културата, сметаат културните работници, според кои градот треба да работи на обезбедување финансиски средства за реализација на проекти кои ќе привлекуваат гости во текот на целата година.
-Треба да се оспособат менаџерски кадри кои што ќе можат да влечат средства од Европската комисија, како здрава основа за развој,рече актерот и режисер Горан Стојаноски.

На трибината се обрати и координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Дејан Пановски. Тој ги критикуваше политиките на локалната самоуправа, особено проектирањето и распределбата на средствата од буџетот, кој спорен него не е развоен, а се осврна и на работата на јавните претстпијатија кои, како што рече, наместо услуги, генерираат кризи. Пановски изрази загриженост и за новите задолжувања на општината, кои како што истакна, се проценуваат на околу 15 милиони евра. 
-Зад нас се изгубени години, најмногу заради нарушените урбанистички, економски и демографски структури на Охрид. Градот оди во погрешна насока, а јавноста и граѓанскиот сектор се неми набљудувачи на ситуацијата, која особено е загрижувачка за младите кадри на кои не им се дава шанса со своето знаење и енергија да придонесат за развој на Охрид, рече Пановски.
OhridNews