Македонскиот репрезентативец, Иван Тричковски, го доби признанието за најдобар фудбалер-странец, во првенството на Кипар. Напаѓачот на кипарскиот првак Апоел од Никозија, признанието го доби во конкуренција на бројни странски фудбалери, кои во последните неколку години го преплавија Кипар.

„Ова е значајно признание за мене. Наградата ме прави многу среќен, веќе бев најдобар фудбалер во Македонија, но да се биде најдобар странец во Кипар е нешто посебно, особено што така одлучија новинарите и моите колеги фудбалерите“, ја пренесува порталот „sportnet.rs“ изјавата на Тричковски.

Репрезентативниот напаѓач во Апоел пристигна во 2010 година од редовите на грчкиот Еносис Паралимни, досега има одиграно 33 натпревари и постигнато 12 погодоци. Тричковски во кариерата има играно за Вардар, Работнички и Црвена звезда. За фудбалската репрезентација на Македонија, тој има одиграно 16 натпревари на кои постигнал 3 гола.

“Макфакс“
Ohridnews