Истражниот судија доцна вечерва му одреди 30-дневен притвор на лидерот на Обединети за Македонија (ОМ), Љубе Бошкоски. Со силно полициско обезбедување тој беше пренесен од судот во истражниот затвор во Шутка, јавува „Макфакс“.

Според неговиот адвокат, Љубомир Михајловски-Џанго поднесено е барање за две кривични дела, едното е за нелегално финансирање на кампањата, а другото е за злоупотреба на службената положба.

„Како доказ истрагата ќе се насочи на начинот на финансирање на кампањата. Она што се слушна дека е пронајдено оружје тоа не е точно, ниту во возилото, ниту во куќата на Бошкоски не е пронајдено нелегално оружје. Наредниве денови ќе продолжи истрагата и ќе видиме со кои докази ќе настапи Јавното обвинителство. Вечерва е рано да се зборува“, рече Михајловски.

Адвокатот на Бошкоски ќе поднесе жалба за притворот, но вели дека со неа само ќе се забави постапката, сепак вели дека жалбата ќе ја поднесе само формално. Тие ќе почекаат точките од одредувањето на мерката притвор полека да отпаѓаат за да побараат замена за домашен притвор или Бошкоски да се брани од слобода.

Лидерот на ОМ Љубе Бошкоски, вчера беше уапсен пред ресторанот „Воденица“, поради сомнение за незаконско финасирање на кампања и злоупотреба на службената должност, со оглед на тоа дека е лидер на политичка партија. Полицијата соопшти дека кај него биле пронајдени 100.000 евра.

OhridNews