Триесеттина локални производители на храна и рачни изработки денеска ги презентираа своите производи во холот на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид на фестивалот на локални производи „Купувај локално“. Посетителите имаа можност да ги вкусат охридските специјалитети комат, ѓомлезе, леб под сач, макала, намази, домашни вино и ракија, но и да ги видат филигранските изработки, ткаени, плетени и везени ракотворби.
Дел од тие везени и плетени фолклорни ракотворби беа изложени на штандот на 82-годишната Љубица Лешоска од Вевчани, која сеуште ја негува традицијата, но вели нема кој да го наследи занаетотот.
Рачни ракотворби изработувам од мала. Почнав со плетење, па со ткаење и до денес ткаам. Многу ми е тешко што нема занаетот кој да го наследи. Децата и внуците не се интересирааа да научат, вели Лешоска нагласувајќи дека има многу интерес за нејзините изработки.
Преку овој настан сакаме да ја подигнеме свеста кај локалното население да ја почитува локалната храна вели професорката Ангела Паскуале, посочувајќи дека тоа е единствениот начин да се зајакне овој регион и да се одржи, зачува и презентира идентитет.
Целта на настанот е вмрежување на локалните производители меѓу себе за да можат да ги разменуваат своите производи, вмрежување на локалните производители со хотелиерите, но и со студентите, како и вмрежување на факултетот со општината и локалните производители со цел јакнење на нивната моќ и позиционирање како производители кои се почитуваат со цел младите да почнат што повеќе да се вклучуваат во овие активни бизниси истакна Паскуале.
Со Фестивалот на локални производи, вели, сакавме на едно место во исто време да ги собереме сите и да покажеме дека Охрид има што да покаже, но дека нивното вмрежување е слабо и тоа треба да го зајакнеме.
Се надевам дека ќе прерасне во Божиќен саем или Фестивал, кој ќе се одржува традиционално пред Нова година, како во многу туристички места и ќе биде атракција за туристите да пробаат и купат локални производи. Во рамките на проектот изработени се и гифт боксови од локални производи, кои можат да бидат одличен новогодишен подарок додава Паскуале.
Деканот на Факултетотот за туризам од Охрид, Снежана Дичевска вели дека неопходно е јакнење на свеста за значењето и придобивките од купување локални производи, значење на поттикнување и јакнење на свеста за купување локални производи и од економска гледна точка.
Придобивките се огромни. Се поттикнува економскиот развој, се влијае врз намалување на невработеноста, се иницира самовработување и вработување на членови од семејството. Но, исто так е факт и дека секторот на мали бизниси нема премногу финансиски средства на располагање да вложат во пропагандна кампања, па ова е одлична можност за нивна промоција, истакна Дичевска.
Градоначалникот Кирил Пецаков, фестивалот „Купувај локално“ го гледа како уште еден настан, кој ќе прерасне во традиција и во иднина ќе привлекува туристи, а Охрид ќе го промовира како туристичка дестинација, која покрај другите содржини ќе понуди традиционална охридска храна и специјалитети карактеристични за овој регион.
Се надевам дека овој настан ќе добие традиционален карактер и дека значително ќе допринесе во промоцијата на традиционалната храна и домашните производители, затоа што се она што е домашно – наше е највкусно и најубаво. Факултетот за туризам и угостителство покажува вистинска иновативност со организација на вакви настани и ја поттикнува креативноста кај студентите. Преку ова случување се едуцираат и поттикнуваат граѓаните да се определат за купување и јадење локална храна, која се произведува на традиционален начин што е многу поздрава од се друго што се нуди на пазарот. На овој начин се промовираат приказните на локалните производители, кои и тоа како имаат што да кажат и пренесат, рече Пецаков.
Според Игор Пешевски од студентското собрание на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, многу е тешко да се натераат производителите да дојдат да се претстават, бидејќи немаат доволно работна сила и треба да ги затворат своите работилници и дуќани за да можат да излезат.
Се надевам дека настанот ќе прерасне во традиција и од година во година ќе имаме повеќе штандови со изложени локални производи, бидејќи навистина мора да се потрудиме и ние младите, но и оние кои ја пренесуваат традицијата од постарите генерации да ја задржиме, зачуваме и да работиме на ширење на нашата традиција односно да бидеме препознаени во целиот свет, вели Пешевски.
Упати апел до сите да работат со локалните производители, да купуваат локални продукти од нив, со што ќе си помогнат едни на други, а со тоа и да опстане македонската традиција.
Триесеттина локални производители на храна и рачни изработки дел од фестивалот „Купувај локално“
Организатори на настанот беа Општина Охрид и Факултетското студентско собрание на Факултетот за туризам и угостителство.
Н.С.Ј.