Четирикратниот шампион во Формула 1, Себастијан Фетел, го стави својот потпис на тригодишниот договор со Ферари. Германецот во италијанскиот тим пристигнува од Ред Бул, во моментот кога Фернадо Алонсо одлучи повеќе да не вози за Ферари. 

„Кога бев малечок Михаел Шумахер во црвениот болид беше мој идол, сега имам неверојанта чест да возам за Ферари“, рекол Фетел.

Дека Фетел ќе се пресели во Ферари беше јасно уште од почетокот на октомври кога тој самиот пред трката за Големата награда на Јапонија објави дека го напушта Ред Бул. Меѓутоа од тој момент немаше официјална потврда дека токму за Ферари ќе вози следната сезона.

Тимски колега на Фетел во 2015 година ќе му биде Кими Раиконен. „Ферари реши довербата да му ја укаже на најмладиот светски првак во историјата на Формула 1“, рекол шефот на тимот, Марко Матијачи.

Фетел возеше за Ред Бул од 2009 година, од 2010 до 2013 освои четири шампионски титули. Во тековното првенство тој нема забележано ниту една победа.

Како член на Ред Бул Германецот има забележано 38 победи, а 44 пати ја освојувал пол позицијата, една победа тој има и како возач на Торо Росо. Со 39 победи на 134 трки тој се наоѓа на четвртото место на вечната листа.

„Макфакс“