Фудбалерите на Манчестер Јунајтед го освоија вториот трофеј сезонава, откако со 3-2 го совладаа Саутемптон во финалето од Лига купот кое се одигра на Вембли стадионот.


Херој на „црвените ѓаволи“ беше Златан Ибрахимовиќ кој со вториот погодок на мечот во 88-та минута донесе водство кое на крајот се покажа пресудно за победа.

Манчестер Јунајтед во текот на натпреварот прокоцка два погодоци предност. Резултатот го отвори Ибрахимовиќ со гол од слободен удар, а Џеси Лингард го дуплираше водството по одлична тимска акција на „ѓаволите“

„Светците“ пред крајот на првиот дел намалија на 2-1 со голот на Габијандини. Истиот фудбалер во првите минути од вториот дел ги изедначи бројките на семафорот на Вембли.

Одлуката за шампионот падна во 88-та минута кога Ибрахимовиќ со глава ја смести топката во мрежата по одличното нафрлување од Андер Ерера.


Трофејот од Лига купот избраниците на Жозе Мурињо во витрините го додадоа до титулата од Супер купот во кој „црвените ѓаволи“ го совладаа тимот на Лестер.

OhridNews