Едно тринаесетгодишно момче имало кавга со родителите кои го посвоиле во Италија и побегнало со мерцедесот на својот притатко, минувајќи повеќе од 800 километри низ Европа во обид да стигне до биолошките родители во Полска, соопштила италијанската полиција. Момчето, чие име не било откриено, тргнало на пат во четвртокот од Падероба, гратче на северот од Италија, со 200 евра во џебот. Возел без пауза речиси 24 часа пред германската полиција да го сопре на автопатот во близина на Лајпциг.
Портпаролот на италијанската полиција рекол дека биолошкото семејство на момчето било во Полска, па најверојатно тргнало да се види со својата сестра. Според италијанските медиуми, момчето обожавало автомобили и било одличен возач на картинг. За време на својата дводневна авантура низ Италија, Австрија и Германија, успеало да мине неколку патарини и две меѓународни граници.