Тројца државјани на Македонија загинаа, а уште двајца се повредени во тешка сообраќајна несреќа што вчера попладне се случила на приморскиот автопат во Словенија, на делницата меѓу Унец и работната зона пред Равбаркоманда, во правец кон Копер.

Според официјалното соопштение на словенечката полиција, несреќата била пријавена околу 16:30 часот, а во неа учествувале патнички автомобил и товарно возило.

Првичните информации од истрагата укажуваат дека камионот поради дефект бил запрен покрај автопатот, кога возачот на патничкиот автомобил удрил во задниот лев дел од приколката.

Во автомобилот се превезувале пет лица, сите државјани на Македонија. Лекар на местото на несреќата констатирал смрт кај три лица, меѓу кои едно дете.

Едно од повредените лица со хеликоптер било пренесено во болница, додека повредениот возач на автомобилот бил транспортиран со возило на Итната медицинска помош. Засега нема официјални информации за тежината на нивните повреди.

Во увидот учествувале полицијата, истражен судија и окружен државен обвинител. Истражните дејствија сè уште не се завршени и словенечката полиција најавува дополнителни информации по нивното комплетирање.

Поради несреќата автопатот во правец кон Копер бил затворен неколку часа, при што се создале долги колони возила. Сообраќајот бил повторно воспоставен нешто пред полноќ.

OhridNewsw