Градот може да биде горд што во само два месеци, охриѓани на неколку наврати го урнаа Гинисовиот рекорд. Овој пат, тројца студенти од Универзитетот за информатички науки и технологии ,,Св. Апостол Павле” – Охрид, делумно партиципираа во поставувањето на нови светски стандарди, развивајќи прототип-игра за 48 часа.
Ертај Шашко, Рахим Исламоски и Абдулах Алиоски се тројцата млади ентузијасти, кои учествувајќи на светскиот хакатон WOWZAPP 2012 на Мајкрсофт, го освоија првото место со прототип-играта Sparrow. Во конкуренција на 70 студенти од земјава поделени во 15 тимови, тие ги докажаа своите квалитети развивајќи игра за платмформата на Windows 8, Windows Phone 8 и Windows Azure.
„Почетоците со програмирање ни се тесно поврзани со запишувањето на факултет, односно пред повеќе од три години. Пред тоа, немавме некое посебно предзнаење. Сето тоа што го научивме е за време на нашите студии на УИНТ-Охрид. Тројцата започнавме со програмскиот јазик C++, следуваше Јава, па јас и Рахим се насочивме кон C#, додека Абдулах се посвети кон Objective C. “ – вели Ертај Шашко.
Освоеното златно одличје на првиот натпревар Macedonian App Challeng, претставувал поттик да се соочат со новиот предизвик организиран од Мајкрософт.
„Голема мотивација претставува кога ќе добиеме позитивни коментари и критики од нашите колеги на факултет. Кога имате јасна цел, многу е лесно да се дојде до инспирација. За последниот проект, целевме кон освојување на првото место на хакатонот. Исто така, една од причините за да развиваме игра, беше минатогодишното освојување на прво место на Windows Phone натпреварот во Македонија. “ – додава Шашко.
првиот прототип од играта
Тимскиот дух и меѓусебната соработка, се причините поради кои целиот процес на развивање на прототип играта минал лесно.
„Играта што ја развивме се базираше на првиот прототип кој што го создадовме пред настанот. Едноставно знаевме што сакаме и што треба да постигнеме. Настапивме како тим, а работите ги поделивме меѓу себе. Абдуллах беше задолжен за дизајнот на играта, Ертај за логиката на гемплејот и верзијата наменета за Windows 8, а моето задолжение беше за мениата и за портирањето на Windows Phone. На тој начин добивме две верзии од играта.“ – вели Рахим Исламоски.
играта за време на настанот
Портфолиата на овие млади студенти се тесно поврзани информатичката технологија, а сите тројца можат да се пофалат со поединечни успеси и ангажирања.
„Јас и Ертај сме Microsoft student partner experts и основачи на SITE клубот кој што обработува теми поврзани со Microsoft технологии и работи во рамките на УИНТ. Сме работеле на повеќе проекти од факултетот, но прв посериозен испит ни беше играта Aqua Guard за Windows Phone. Sparrow ни е втор посериозен проект, кој се уште е во прототип фаза. Очекуваме во скоро време да започне периодот на тестирање, за да може да ја објавиме на Windows Store и Windwos Phone Store. Абдуллах е повеќе заинтересиран за iOS, а зад себе има неколку апликации кои веќе се наоѓаат на пазарот. “ – додава Исламоски.
Во слободното време, овие млади луѓе знаат да одвојат некој час за спортување, гледање филмови и читање книги. „Сите овие активности ми ги отвараат мислите, односно ми помагаат во креативноста и развивањето на проектите. Не би рекол дека професијата ми одзема голем дел од слободното време. Со проектите почнувам рано наутро, па се трудам замисленото да го изработам во текот на денот. Навечер ми останува доволно слободно време за сите други активности.“ – вели Абдулах Алиоски.
За во иднина, тие планираат да отворат своја компанија во која ќе ги насочат своите енергии и потенцијали. „Во иднина планираме да отвориме „start up“ компанија. Ќе развиваме апликации кои што ќе бидат од голема корист за сите нас. Тие ќе ни помагаат при работата и активностите. Истотака ќе изработуваме игри за сите возрасни групи.“ – додава Алиоски.
За крај, Ертај, Рахим и Абдулах им порачуваат на сите да не се откажуваат од своите соништа. „Ако уживаат во она што го прават нека не се откажуваат. Не е лесно да се успее, бидејќи конкуренцијата е голема. Но со макотрпна работа и верба во себе, резултатите ќе бидат видливи.“ – завршуваат нашите тројца ентузијасти Ертај Шашко, Рахим Исламоски и Абдулах Алиоски.
О.Т.