Индексот на трошоците на живот, којшто е клучен показател за движењето на инфлацијата, во 2013 година бележи пораст од 2.8 отсто во споредба со 2012 година, објави Државниот завод за статистика.

Индексот на цените на мало во 2013 година, во споредба со 2012, бележи пораст од 1.3 проценти. Гледано на месечно ниво, индексот на цените на мало во декември 2013 година, во однос на претходниот месец, забележа пораст од 0.4 отсто, а трошоците на живот се повисоки за 0.3 отсто.

Порастот на трошоците на живот во декември 2013 во однос на претходниот месец е резултат на повисоките индекси кај зеленчукот, свежото и кисело млеко и млечните производи.

Исто така, во декември минатата година, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај туристичките аранжмани, течните горива и гасот за домаќинствата, нафтените деривати, производите за лична хигиена, обувки и деловите за сообраќајни средства.

OhridNews