Цените на мало во април годинава, во споредба април лани, бележат пораст од 3,2 отсто, а трошоците на животот пораст од 2,2 отсто, соопшти Државниот завод за статистика.  Во однос на март 2012 година, цените мало и трошоците на животот во април пораснале за 1,1 отсто.

Порастот на трошоците е резултат на повисоките цени на јајцата за 16,5 отсто, овошјето за 9,9, зеленчукот за 5,5, рибата за 1,2, месото за 0,5, преработениот зеленчук и свежото и киселото млеко за 0,4 и на кондиторските производи за 0,3 отсто.

Пораст на трошоците на животот  во април е забележан и кај материјалите за одржување на станот за 6,9 отсто, обувките за 5,3, нафтените деривати за 2,8, козметичките производи за 2,2, услугите за образование и превозот на патници за 1,9, услугите за одржување на станот за 1,1, лековите за 0,8, течните горива и гасот за 0,7, другите средства за рекреација за 0,6, средствата за хигиена и услугите за нега и лична хигиена за 0,5, облеката за 0,3, храната и пијалаците во ресторани и хотели за 0,2 отсто.

Намалување на трошоците на животот во април 2012 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај мастите за 1,4 отсто, преработките од риба за 0,8, преработеното овошје и млечните производи за 0,3, алкохолните и безалкохолните пијалаци за 0,2 и кај средствата за образование за 0,6 отсто.

OhridNews