Дополнителниот рок  од 15  дена што им го дадовме на надлежните служби и институции за спроведување на Решението и Записникот за рушење на дивите градби во село Трпејца, подигнати од страна на инвеститорот ИВИРЕ истече, велат од месната заедница на село Трпејца.

Оттаму, потенцираат дека од ниту една надлежна институција сеуште немаат  добиено писмен одговор во врска со дивоградбите.

–    Локалната самоуправа само го огради со жолта лента објектот – наводно тоа значело забрана за идна градба, а објектите се целосно изградени. Наводно на тој начин инспекцијата го штитела узурпирањето на државниот имот, а нам  и на јавноста тоа ни изгледа како штитење на инвеститорот кој и натаму во судските постапки, и средбите со претставници од локалната, СВР – Охрид и ОБСЕ се обидува да лаже и да се претставува како сопственик на имотот што е државен, велат од Месната заедница, нагласувајќи дека врз членови на месниот одбор и селаните се вршеле и притисоци со цел да попуштат во намерата за рушење на бесправните градби.

Трпејчани незадоволни и од јавното претпријатие Национален парк Галичица, кое како што тие велат, на барање на инвеститорот издало документ дека просторот нема некоја економска важност за Националниот парк.

–    Како е можно за дивите градби кои се во заштитениот појас на Националниот парк Галичица, и тоа не на педесет, туку на само три метри од езерото оваа институција да затвори очи. Овој аршин не важеше до пред неколку години кога токму Националниот парк – Галичица бараше рушење на тогашните диви градби во непосредна близина на сегашните. Не револтира и одговорот од  Националниот парк до нас дека тие не се надлежни за спроведување на решенија за рушење на градби. Со тоа не можат да се амнестираат од одговорноста што дозволиле да се гради на тој потег, иако имале можност за реакција, а ние сме го побарале тоа од нив, велат од Месната заедница.

Трпејчани нагласуваат дека се залагаат единствено за интересите на селото и правдата и дека не сакаат да се поврзуваат со било какви политички препукувања.

Од Месната заедница потенцираат дека остануваат на барањата за рушење на нелегално изградените градби и најавуваат дека во текот на следната недела ќе оддржат мирни протести со блокирање на меѓународниот пат  Охрид – Свети Наум кај Трпејца.

OhridNews