Дивата депонија во Струга деновиве повторно се самозапали што беше причина за остри рекации на граѓанските движења кои бараат одговор од властите зошто не се спроведуваат мерките на владата донесени на крајот од јули за санација на депонијата.

-И покрај апелите се уште не е набавен специјалниот контејнер преса, а отпадот се депонира и натаму на дивата депонија со што се зголемува опасноста од пожари. – изјави Григор Ќатоски од граѓанската иницијатива „Доста е!“. 

Граѓанската иницијатива, пак, „Стружани за Струга“, до општината и владата денеска достави барање со конкретен рок за решавање на проблемот со дивата депонија, која секојдневно го загадува градот.

– Во име на граѓаните на Струга бараме:

1. Во рок од 10 дена Струшката депонија да се затвори за нов отпад, односно да се отпочне со транспорт на отпадот од Струга на друга депонија како што беше ветено од Владата и од вас лично.

2. Да се заштити депонијата од нови пожари до нејзина целосна дислокација.

3. Да се изнајде долгорочно и издржано реение за управување со отпадот од Струга.

4. Да се ревитализира почвата на која е лоцирана депонијата. – истакна Ардијан Демири од  граѓанската иницијатива Стружани за Струга

Стружани очекуваат надлежните институции без одлагање да преземат конкретни мерки и сериозно да се зафатат со решавање на проблемот со дивата депонија која со прекини гори уште од месец април.

Г.М.