Пратеникот и претседател на ПЕИ, Фијат Цаноски со писмо до јавноста реагира на уривањето на неговиот комплекс „Космос“, што започна во понеделникот.

Според Цановски, акцијата за уривање на објектот е темпирана по принципот  „хитлеровите кристални ноќи и ноќите на ножевите“, во моментите кога на А1 и се зема фреквенцијата, кога Собранието е на годишни одмори, кога народот е на годишни одмори.

Објектот почнал да се гради во декември 2010 година. Како што објаснува Цаноски веднаш по објавата за градбата и рекламите за ниските цени во комплексот од 790 евра, почнал да добива закани од повеќе градители на објекти на кои им го рушел пазарот.

Набрзо му стигнало предупредување дека 12 м2 во комплексот се на државата и во комбинација со некои други хипотеки му била одземена дозволата цели два месеца. Потоа Второстепената комисија одлучила да му ја врати, како што вели, неправилно земената дозвола.

Тогаш пораката им беше јасна : „Биди со нас, бидејќи ако не бидеш, уште повеќе можеме да ти напакостиме“ пишува Цаноски.

При работата стручни лица констатирале дека нивото на подземните води е значително повисоко од направените Елаборати за Геомеханички испитувања. Поради укажувањата на стручни лица од Градежниот и Архитектонскиот факултет дека со понатамошно слегување на ископите под објектот ќе се намали компактниот носив слој под објектот стручните лица по предлогот го исфрлиле деловниот простор во приземјето,  а наместо него да се постави првото подземно ниво на паркиралиштето без никакво менување на бројот на паркирани места.

„Згора на ова објектот предложија да се подигне за половина катна висина за да приземјето (сега новото –првата гаража) биде на ниво над проектираната улица и од таму да бидат сите влезови. За тоа ДОО „Фине“ донесе одлука, а по член 19 од Законот за градење,  добија писмена согласност од проектантите и статичарите на конструктивниот дел“ пишува Цаноски.

На 30 мај градежната инспекција дошла на објектот да изврши темелна контрола, но тогаш не направила никакви констатации, забелешки и записници, иако ги мереле висински објектот и неговото ново приземје.

По извесно време, била запрена изградбата на објектот, а кога Цановски побарал одговор за ова од градоначалникот на Гази Баба тој му рекол работата не е од него, туку дека работата е од „горе“!

„Во време кога е донесен Законот за легализација на бесправно изградените објекти со кои се легализираат шупи, куќи, стопански објекти, па дури и објекти на државно земјиште, се урива легален објект со милионска вредност, со уредна документација, од партиски инает, заради некакви минорни отстапувања во висината на приземјето и ништо друго. Ама, зад него стои опозиционен пратеник кој треба да биде показно казнет кој по игра на случајот е и сват на сопственикот на затворената „ТВ – А1“.  Мора да признаете дека ова е ептен „случајно“ !?“ пишува Цаноски.

Тој вели дека  за штетата која му била нанесена некој ќе мора да одговара пред судската власт. Околу парите за комуналиите и задоцнетите рати Цаноски вели дека ќе зборуваат во судница.

„Точно е да знае македонската јавност дека за тие месеци кога присилно, како и денес, ме запревте да градам, со образложение дека не ми се платени ратите за уредувањето на градежното земјиште. Почитуван Градоначалник замислете ги моите штети за тие месеци на градилиштето, 350 режиски плати на градителите, изгубените купувачи, нарушениот имиџ на објектот кој го градевме со месеци и со огромни финансиски средства платени во медиумите и направените флаери низ целата држава. Пропуштените договори за набавки на градежни материјали во тој временски период. Замислете која ќе биде изгубената добивка само од идното доцнење на објектот за периодот на стопирањето на објектот, а да не зборуваме од досега направените штети од сулудото непроверено и тенденциозно извршување“  вели Цаноски.

Градот Скопје и општината Гази Баба денеска му ја активираа хипотеката на  Цаноски за објектот „Космос“. Хипотеката од речиси 11 милиони евра е активирана, затоа што Цаноски не уплатил пет рати по ред според договорот за плаќање на комуналиите, тврди градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски.

Ако Цаноски во следните седум дена не ги плати ратите што ги должи, тогаш ќе му биде одземен заложениот имот.

И денеска продолжи уривањето на „Космос“ поради отстапки во изградбата од основниот проект.

OhridNews
извор: „Макфакс“