25 златници со вкупна маса од околу 176 грама, биле откриени при личен претрес на македонски државјанин, кој патувајќи со македонски автобус, што сообраќал на релација Истанбул – Струга, се пријавил за влез во државата на граничниот премин Богородица. Во преден џеб од панталоните на патникот, замотани во црн женски чорап, се пронајдени 12 турски монети, 10 монети од француска република и 3 австриски монети, изработени од 18 каратно злато, чија вредност е проценета на околу 290 илјади денари. Монетите се привремено задржани а против патникот ќе биде поднесена кривична пријава, соопшти царината.

При претрес, пак, на македонски државјанин, на Табановце, откриени биле евра. Во предниот џеб на патникот се пронајдени биле 7.000 евра, од кои согласно законските прописи му биле вратени 2.000 евра, износ што може слободно да се изнесе од државата, а за сторениот прекршок е поведена прекршочна постапка, информира царината.

Изминатата недела цариниците на граничните премини во земјава спрешиле шверц на автоделови и техничка стока, облека и стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост.

OhridNews