Иако однапред не може да се прецизира висината на новата цена, следејќи ги трендовите на поскапување на горивата во земјите во регионот, бензините во земјава првпат во поновата историја може да се продаваат по 90 денари за литар, се наведува во текстот на „Дневник“, во кој се додава дека засега никој не се осмелува да направи анализа дали и кога горивата во земјава ќе ја достигнат психолошката граница од 100 денари и колкава треба да е цената на нафтата на светските берзи за да се случи тоа.
Во текстот се потенцира дека ниту една од надлежните институции во земјава не сака да излезе со став за тоа која цена е границата над која Владата ќе преземе итни и конкретни мерки за да ја спушти.
Државата на располагање има неколку механизми за да влијае врз крајната цена на горивата, како што е намалување на акцизите и на давачката за задолжителна резерва. Според завчерашната изјава на министерот за финансии Зоран Ставрески, еден вид мерка на Владата е тоа што таа изминатиов период не ја зголемила стапката на ДДВ, како што направија други земји.