Од наредниот месец, корисниците на вода на територијата на Општина Охрид ќе плаќаат дополнителен фиксен надоместок во висина од 70 денари, а цената на водата ќе претрпи мала корекција. Од досегашните 25,50 денари, цена утврдена во 2001 година, ќе се наплаќа 25,52 денари за метар кубен потрошена вода. Ова го изјави на денешната седница, директорот на МЈП „Проаква“, Р.Е. Водовод – Охрид, Владимир Алексиески.
– Согласно законот за утврдување цени на водни услуги и согласно решение на Регулаторната комисија за енергетика моравме на управниот одбор на претпријатието да донесеме одлука за утврдување на тарифи за водни услуги. Согласно решението на регулаторна се воведува фиксен надоместок за сите корисници во Општина Охрид. Регулаторна даде насоки според кои требаше да постапиме, рече Алексиески.
Надоместокот од 70 денари важи за сите физички лица без разлика дали се редовни, викенд станови или неактивни броила.
OhridNews












