Цените на влезниците се веќе утврдени, но пред да почне наплатата предвидени се бројни кампањи со цел запознавање на посетителите околу оваа новина.
– Цените може да се каже дека се и симболични, споредено со оние кои се наплаќаат во други национални паркови во регионот кои се движат и над 10 евра. Средствата од влезниците ќе бидат наменети за зголемување на заштитата на паркот, негова промоција, подобра инфаструктура, и поголемо уживање на посетителите, едноставно за поубав парк, вели Огнен Достиноски од ЈУНП „Галичица“.
Цената на влезниците за деца ќе биде 20 денари, за возрасни 30 денари,50 денари за автомобили, 200 за автобуси и 500 денари за годишна влезница во паркот за оние кои се занимаваат со собирање на шумски плодови.
– Со самото купување на влезницата посетителите ќе добијат пропаганден материјал и ќе се стекнат со повеќе информации за она што можат да го видат во паркот, со тоа ќе се придонесе и за зголемување на јавната свест на луѓето за природните убавини на паркот и заштитата, додава Достиноски.
Како што беше потенцирано од страна на министерството за животна средина, воведувањето на надоместоците не треба да се разберат како пречка во остварувањето на правото на посета на националните паркови, туку како личен придонес во заштита на природното богатство во РМ.
Согласно одлуките, од плаќање на надоместоци се ослободени лицата кои имаат живеалишта на подрачјето на НП.