Централна разузнавачка агенција (ЦИА) покрај  теренското шпионирање и регрутирање агенти низ светот, врши и собирање податоци за рудните и енергетските богатства на земјите во светот и инфраструктурата и индустриските капацитети за нивно искористување. Македонија не е исклучок и ЦИА постојано врши анализи и на македонските ресурси, пишува „Дневник“.

Една од овие процени, од октомври 1955 година, била заведена како таен документ во архивите на ЦИА, и во неа се наведува дека Македонија располага со ураниум, во близина на границата со Грција.

– Најбогатите наоѓалишта на ураниумска руда во Југославија се смета дека се во близина на југословенско-грчката граница, во планините јужно од Битола. Рудата се наоѓа во глина која Југословените ја нарекуваат диатомејска глиница (диатомејска земја). Југословените планираат да изградат шесткилометарска жичница до Прилеп, каде што би се отворила постројка за дробење на рудата. Изградбата на оваа жичница се проценува на милион динари, пишува во информацијата која е достапна за јавноста, но откако значителен дел од документот претходно бил избришан.

Овој кус податок е најинтересното сознание од записите за рудните богатства на Македонија кои ЦИА ги има отворено за јавноста. ЦИА го нотирала постоењето на рудникот за злато Дудица кај Демир Капија, за кој забележува дека германските окупациски сили сакале да го експлоатираат во текот на Втората светска војна, а во времето на Југославија биле извршени пробни копови и се утврдило дека златната жила продолжува до границата со Грција. За рудникот за хром Цер во близината на Кичево записите во архивите на ЦИА се толку детаљни што е забележан не само капацитетот на рудникот и механизацијата со која рудникот располага, туку и имињата на тогашните управители Ристо Влахов и Иван Георгиевски, како и тоа дека германски воен заробеник по име Хојнц работи на одржување на механизацијата во рудникот.

OhridNews

извор: Дневник