Партиите на власт повторно се обидуваат да го одвлечат внимнието на јавноста од вистинските проблеми и да го пренесат на полето на меѓуетничките и меѓуверските односи, изјави Џабир Дерала од невладината „Цивил“, на претставувањето на проектот за набљудување на изборите „Напред”, вчера на плоштадот Чинар во Охрид.
-И онака деликатните меѓуетнички и меѓуверски односи во земјата дополнително се нарушуваат и се создаваат опасни тензии токму во моментот кога се потребни брзи и суштински реформи за излез од политичката криза и за создавање услови за слободни избори. Доволно е да се потсетиме само на еден дел од провокациите и предизвиците по стабилноста и безбедноста на земјата во изминатите три години. Такви беа меѓуетничките тепчки меѓу младите во пресрет на локалните избори во 2013 година, етничките тензии во престрет на изборите во 2014 и начинот на кој се водеше случајот Монструм и „малата војна“ во Куманово во пресрет на големиот граѓански протест во мај 2015 година. – рече Дерала.
Сведоци сме, продолжи Дерала, на континуираното бележење на територии со етнички и верски симболи од страна на владејачката партии на двете етнички заедници, вклучувајќи ги и последните примери на поставување на двоглавиот орел во општина Чаир и поставување на темелите на крстот во општина Бутел. Според ЦИВИЛ се работи за континуирано уривање на односите меѓу заедниците во Република Македонија, што стана препознатлив начин на владеење, во отуство на демократија и почитување на човековите права.
-Наместо спроведување на политики и практики за унапредување и подобрување на меѓуетничките и меѓуверските односи во Македонија, власта во континуитет ги злоупотребува со единствена цел – да ги искористи како димна завеса за затскривање на лошото владеење, структурното насилство, политичката корупција и криминалот, а притоа земјата осиромашува и се турка во излолација. – рече Дерала.
ЦИВИЛ – Центар за слобода најостро ги осудува ваквите политики и практики и категорично бара тие веднаш да престанат.
-Меѓуетничките и меѓуверските односи се несомнено најважен столб на кој почива стабилноста на Македонија како и на секоја друга земја и секое играње со чувствата на граѓанките и граѓаните за политички придобивки е неприфатлив. Тие игри можат да доведат до страшни и далекусежни последици.-додаде Дерала.
ЦИВИЛ ги повка граѓаните да го следат примерот на кумановчани за време на минатогодишната безбедносна криза, а структурите на политичката моќ во земјата ги предупредува дека дека времето за создавање услови за слободни избори брзо изминува и дека можноста за диверзија во јавноста ќе води кон ново одложување на изборите и уште подлабока криза.
OhridNews