Селекцијата на Црна Гора е еден од ривалите на Македонија во групата на Европското првенство во Хрватска, а можеби нивниот дуел во третата рунда ќе одлучува која репрезентација ќе биде последниот патник, ако двете селекции не приредат изненадување претходно на натпреварите со Словенија и Германија.

Подготовките на црногорците не течат според планот за Европското првенство во Хрватска, откако со останатите репрезентативци не тренира Вуко Борозан кој имаше сообраќајна несреќа, а пивотменот Немања Грбовиќ им се приклучи, но се уште не е доволно фит за комплетен тренинг.

– Ситуацијата со Борозан воопшто не е позитивна и под сериозен знак прашалник е доведен неговиот настап на ЕП. Грбовиќ ни се приклучи, но со оглед дека нема одиграно меч од октомври неговите тренинзи се лимитирани, а таква ќе му биде и минутажата. Со овие двајца и без овие двајца во составот ние сме аутсајдери во групата, бидејќи ќе играме со квалитетни и пред се искусни репрезентации на вакви собири. – изјави селекторот Драган Ѓукиќ и додаде – На теренот не победува оној кој е фаворит, туку екипата што повеќе ја посакува победата. Ние ќе играме и на првите два мечеви да победиме, но целиот фокус ни е насочен кон дуелот со Македонија. Македонците живеаат во ракометна бајка, се е на нивна страна, имаат одличен селектор и играчи, но и ние имаме што да покажаме.

Натпреварот помеѓу Македонија и Црна Гора се игра на 17 јануари, а претходно двете селекции ќе ги одмерат силите со Словенија и Германија. Европското првенство започнува на 12 јануари, а завршува на 28 јануари со финалниот натпревар во „Арената“ во Загреб.

OhridNews