Двајца загинати во сообраќајки, тешки кражби и разбојништва и повеќе десетици повредени, е епилогот од инцидентите кои се случија во Македонија за време на дочекот на Новата година.

Околу 02,55 часот во Прилеп, на ул. „Моша Пијаде“, се случила сообраќајна незгода, при што ПМВ „Дачија Логан“ со прилепски регистерски таблички, удрило во електричен столб и на лице место починала сопатничката Евелина Б.(1995), а сопатниците Ц.Д.(1995) и А.Н., кои излетале од возилото при судирот, се здобиле со тешки телесни повреди и се пренесени во УЦ-Скопје. Возачот на возилото, Н.К. (1991) се здобил со телесни повреди. На возачот му било извршено алкотестирање со апарат „Дрегер“ при што е утврдено присуство на алкохол во крвта од 0.85 промили. За натамошна анализа се земени и примероци од крв и урина.

Утрово околу 07 часот во Скопје, на крстосницата на булеварот “Александар Македонски“ со улицата “16-та Македонска бригада“ се случила сообраќајна несереќа меѓу патничко моторно возило “Рено“ со скопски регистарски таблички и автобус на ЈСП Скопје. При незгодата поради тешките телесни повреди во УЦ Скопје бил пренесен Синиша М. којшто набргу поради здобиените повреди починал. Полицијата работи на расчистување на причините за сообраќајната несреќа.

Во текот на новогодишната ноќ во градската болница со итна медицинска помош бил донесен повреден маж со повеќе убоди од нож. Напаѓачите побегнале со такси возило.

Тетовчанец во алкохолозирана состојба се обидел насила да влезе во угостителски објект каде се прославувала Новата година. Тој се заканувал со нож, но бил совладан од полициски службеник.

Во очи новата година вооружен маж ограбил аптека во Битола при што одзел 14.000 денари и 10 шишенца ампули „Трамадол“.

Разбојништва во две аптеки се случија и во Скопје. Од аптека на „Зегин“ на ул. „Џон Кенеди“ под закана од вработената биле одземени 5.000 денари, додека во другиот случај на ул.„Васил Главинов“ во аптека „Виола“, две непознати вооружени лица одзеле пари чија висина дополнително ќе биде утврдена.

Во Пробиштип, се случила тешка кражба во дом, при што биле одземени сигнален пиштол „Екол Туна“ кал. 8мм, ловечки нож со сечиво од 15см, златен накит и предмети од домаќинството.

Тешка кражба се случила и во семејна куќа во Скопје во сопственост на лице кој долго време е на привремена работа во странство, од каде биле одземени 90.000 долари и 57.000 евра.

OhridNews