Организаторите на меѓународната конференција за авантуристички туризам AdventureNEXT Balkans, што ќе се одржи од 10-12 мај во Охрид и на која преку 300 светски лидери и експерти во областа на туризмот ќе ги истражуваат и запознаат авантуристичките и туристички потенцијали и убавини на Македонија и Охрид, особено внимание посветија на грижата за безбедноста на учесниците на овој настан.
Во тие рамки довербата му е укажана на Црвен крст Охрид, кој го изработи планот за управување со безбедноста (Safety management plan) и ќе биде подготвен со своите искусни тимови за спасување на планина и непристапни терени, да делува во случај на потреба и се координира со останатите надлежни институции и субјекти. Особен акцент ќе се стави на безбедноста на учесниците на „Авантуристичкиот ден“, 10 мај, како дел од еднодневните авантуристички тури на различни локации на планината Галичица, во околината на Охрид и Вевчани.
Во рамки на подготовките за одржувањето на овој настан, Црвен крст Охрид ќе изведе показна вежба за извлекување и спасување на повреден турист на непристапен терен, на патот кај село Елшани, која ќе се реализира во сабота, 7 мај со почеток во 11:30 часот. Овој настан е во координација со акцијата за чистење организиран од Go Green, Грашница, Ајде Македонија, а поддржан од ИМЕ програмата.
OhridNews













