Најдобриот тим од регуларниот дел на сезоната во регионалната кошаркарска лига АБА, Црвена Звезда, е првиот финалист во плеј офот. Вочетвртиот полуфинален натпревар против Партизан, што се одигра вечерва пред навивачите на лутиот градски ривал во легендарната сала „Пионир“ во Белград, Звезда славеше со 73:81 (24:22;12:16;22:26;15:17).

Црно белите носени на крилата на навивачите одлично го отворија натпреварот и константно го зголемуваа водството кое на две минути пред крај на првата четвртина изнесуваше +10, но со серија поени во финишот Црвена Звезда ја стопи предноста на противникот на само два коша. Цврстата одбрана во втората четвртина на „гостите“ им го донесе првото водство во 19 минута, кое успеааја да го задржат до крај.

Третата четвртина повторно ја доби Звезда која во последниот период влезе со предност од 6 поени. Благодарение на одличниот Маркус Вилијамс кој постигна 17 поени во завршниот период, вкупно 19, црвено белите не го испуштија водството и стигнаа до третата победа (3:1) и се пласираа во финалето на АБА лигата, каде ќе го чекаат подобриот од натпреварот Будуќност – Цедевита (2:2).

Одлучувачкиот петти натпревар во втората полуфинална серија се игра во среда во Подгорица.

Финалистите на АБА лигата обезбедуваат пласман во кошаркарската Евролига наредната сезона.

OhridNews