Играчите на Манчестер Јунајтед на Олд Трафорд ја прославија јубилејната 20-та титула, но имаа и причина за тага бидејќи дуелот со Свонси беше последен за Сер Алекс Фергусон на Олд Трафорд.

– Сакавме да победиме бидејќи “шефот“ сака секогаш да победуваме. Сакам да останам овде да добијам нов договор и заедно со останатите играчи да донесиме уште многу титули. Останавме шокирани кога менаџерот ни рече дека заминува, но овие навивачи заслужуваат вакви моменти и во иднина – рече Рио Фердинанд.

Капитенот на “црвените ѓаволи“, Немања Видиќ кревањето на титулата од Премиер лигата му го предаде на Сер Алекс Фергусон.


– Сите се договоривме за да го крене Фергусон трофејот. Ова беше последен натпревар тука затоа така одлучивме. Беше одличен менаџер и тажно е што заминува. Но, ова е голем ден за клубот бидејќи е побогат за една титула –
потенцираше Видиќ.

Најдобриот стрелец во Премиер лигата со 25 голови, Робин ван Перси во дебитанската сезона во Јунајтед го освои трофејот од најсилната англиска лига.

– Чувството да се стават рацете на трофејот е неверојатно. Ова беше фантастична сезона за нас, сите мои сонови беа токму вакви. Во тимот имаме фантастични фудбалери кои се надевам дека ќе останат и сите заедно другата сезона да го повториме овој успех. Голема чест ми е што можев да работам со Фергусон барем една сезона, во која научив многу – посочи Ван Перси.

Мх.П.