– Со цел да се овозможи учество на опозицијата и измени на изборниот законик согласно со препораките на ОБСЕ/ОДХР, локалните избори да се одложат за еден месец и да се одржат на 28-ми април. Ако на тие локални избори советничките листи на здружената опозиција освојат барем еден глас повеќе од листите на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ да има предвремени парламентарни избори на 29-те септември, рече лидерот на најголемата опозициска партија СДСМ, Бранко Црвенковски, на денес одржаната прес конференција .
Според него ова е фер предлог затоа што нема да одлучуваат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, ниту тој или пак Никола Груевски, туку народот – дали ќе има или не предвремени парламентарни избори.
Доколку ВМРО-ДПМНЕ го прифати предлогот опозицијата ќе се врати во Собранието за да се испочитуваат законските правила за одлагање на локалните избори. Ако, пак, не биде прифатен, ќе продолжат да ги бојкотираат изборите и нема да се вратат во парламентот, додаде лидерот на СДСМ
На новинарско прашање што ќе биде доколку владејачката коалиција има глас повеќе на локалните избори, Црвенковски рече дека тогаш СДМС нема да бара предвремени парламентарни избори и дека ќе се повлече од лидерското место во партијата.
– Јас уште еден мандат на чело на партијата нема да барам, без разлика каков ќе биде исходот на изборите, рече Црвенковски.
Сепак, побара истото прашање да му биде поставено на Никола Груевски во контра ситуација .
извор: Макфакс