„Дојдов во Охрид да завлечам нога и да ви ја донесам сета среќа од Струмица“, вака вечерва им се обрати на членовите и симпатизерите на СДСМ, в.д. претседателот на партијата, Зоран Заев. Тој заедно со претседателот на државава на заминување, Бранко Црвенковски и Владо Бучковски дојдоа во Охрид да му дадат морална поддршка на нивниот кандидат за градоначаник, Александар Петрески.

„Анализите на ВМРО-ДПМНЕ дека во Охрид во првиот круг ќе победат со три до 4 илјади гласови разлика се покажаа неточни. Изгубија со 800 гласови разлика. Во вториот круг ќе ги прегазиме“, рече Заев.
Тој ја искритикува и актуелната власт.„Три години ВМРО-ДПМНЕ ја води Македонија, три години без малку е цел мандат. Ќе ве потсетам дека во 2006 година ветуваа преродени земјоделци, среќни работници, среќни македонски семејства. денеска Македонија е изолирана од сите страни, скарана со соседите, ги изгуби пријателите, безизлезна е економската сосотојба, а најлошо од се е што нема надеж во македонските семејства“, обвини Заев.

За кандидатот за градоначалник, Петрески, Заев рече оти е единствениот кој во последните 4 години работеше и решаваше проблеми во Охрид.
„За разлика од нив кои трошеа огромни пари за споменици и за изградба на куќи во спомен на Груевски и неговата тајфа, Петрески, јас и нашите градоначаници ќе продолжиме да инвестираме во градење водоводи, канализации, во улици и тротоари, ќе отвараме нови производствени погони и нови работни места“ , додаде Заев.

Кандидатот за градоначалник, Александар Петрески рече дека час поскоро мора да падне режимот на Никола Груевски и оваа, како што рече, ненародна власт која сака да ја закопа македонската иднина и перпектива во античките гробници и наколни живеалишта на Паско Кузман.
„Оваа апсолутистичка власт, своето лице го покажа токму во Охрид. Веднаш по поразот на нивниот вазал во првиот изборен круг,започнаа со репресии, закани, заплашувања и тортури. Додека ги тепаа студентите во Скопје, Гордана Јанкуловска приведуваше недолжни граѓани на информативни разговори во Охрид. Додека се тепаа средношколците во Струга, Перо Стојановски во Лескоец ветуваше прозорци за училиштето кои ние ги направивме пред една година“, рече Петрески.

Петрески се осврна на неговите досегашни зафати во првиот градоначалнички мандат, а најави дел од својата програма со која се повторно се трка за градоначалничката фотелја.

Вечерашниот митинг на Општинскиот изборен штаб на СДСМ-Охрид што се одржа во центарот за култура „Григор Прличев“, беше последен пред изборниот молк во пресрет на вториот круг од гласањето на 5 април.
Ohridnews












