Поранешниот претседател и премиер на Македонија и долгогодишен лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски денеска преку соопштение побара од претседателот Иванов под итно да ја измени одлуката и неговото име да биде избришано од листата на помилувани.

-Ниту има било каква основа против мене да се води било каква постапка, ниту од Вас, ниту од било кого барам и прифаќам помилување, пишува Црвенковски во својата реакција, оценувајќи ја одлуката на Иванов како антидемократска, антиправна и антидржавна.

-Со Вас и со тие зад Вас да зависеа работите од мене ниту нешто ќе се преговараше, ниту нешто од вас ќе се очекуваше. Одамна ќе се видевме на различни страни од барикадите, на клучната средба на нашиот народ со својата судбина, му порачува Црвенковски на Иванов.

Тој изразува надеж дека и сите останати, чии имиња се споменати во оваа, како што ја нарече скандалозна одлука, ќе ја одбијат оваа „милост“ и ќе покажат барем трошка морал и достоинство.

OhridNews
Извор:„Телма“